Верници во манастирот во Бањска блокирани од косовски полицајци, Курти тврди дека во селото има вооружени професионалци

Одредени косовски медиуми напаѓачите кои синоќа пукаа во косовската полиција ги поврзаа со манастирот Бањска, каде во моментов се блокирани 50 верници од Нови Сад – јави МИА од Белград.

-Никакви напаѓачи нема, ниту имало. Вчера во манастирот со својот свештеник пристигна група од околу 50 верници од Нови Сад. Се уште се таму, се е блокирано па не можат да го напуштат манастирот, исплашени се. Нив ги разбудиле утрово околу 2 часот силни детонации, имало многу пукање од околните ридови, се се тресело, кажа извор од манастирот за „КоССев“.

Се огласи и Рашко-призренската епархија на СПЦ која најостро го осуди последниот напад што се случи утринава кај селото Бањска, наведувајќи група вооружени, маскирани лица со оклопно возило упаднале во самиот манастир.

-Станува збор за сериозен инцидент кој може да има големи последици и затоа е многу важно да се направи се за зачувување на мирот и редот. Епархијата изразува искрено сочувство до членовите на семејството на починатиот полицаец и искрено се надева дека двајцата ранетите ќе закрепнат што е можно поскоро – се наведува во соопштението.

Во него се додава дека од Епархијата се многу загрижени бидејќи според последните информации заради безбедност, браќата од манастирот и верниците се заклучиле во конаците на манастирот и се слушаат пукотници.

-Група вооружени, маскирани лица со оклопно возило упаднале во самиот манастир, при што ја пробиле заклучената капија на манастирот. Во моментов, како што беше соопштено, во манастирот има група на верници од Нови Сад, со свештеник, игуменот Данило и братијата од манастирот – се наведува во соопштението.

– Заради безбедност, браќата од манастирот и верниците се затворија во конакот, а заклучен е и храмот на манастирот. Вооружени маскирани лица се движат низ дворот и повремено се слушаат истрели – се додава во соопштението.

„Во селото Бањска се наоѓаат 30 професионални војници, кои се опколени од косовските сили. Овие тешко вооружени лица треба да се предадат, ја пренесе Радио-телевизија Косово, изјавата на косовскиот премиер Албин Курти. На пресконференцијата косовскиот премиер презентираше видео снимки и фотографии на вооружени лица и блиндирани возила во селото Бањско и кај манастирот. Тој исто така порача дека во моментов најважно е да не загине уште некој.

Курти додаде дека засега не успеваат да идентификуваат ниту едно од лицата, затоа што тие носат маски. Тој побара од нив да се предадат на безбедносните органи, наведувајќи дека сакаат владеењето на правото, мирот и безбедноста да важат за сите граѓани, без разлика. Косовскиот премиер исто така ги замоли и сите граѓани од сите етнички зедници на Косово да останат мирни и да ги следат официјалните соопштенија за точно да се информираат за ситуацијата.