Весна Петрушевска: Како да им кажам на моите деца дека од утре нема да сме Македонци

Актерката Весна Петрушевска во своето обраќање на протестот против францускиот предлог изрази чудење зошто нема повеќе народ на протестите, бидејќи според неа цела Македонија треба да се дигне на нозе. Таа негодува во однос на целиот процес во кој се преговара за идентитетски прашања и порача дека ќе доаѓа на протест се додека демонстрантите не ја урнат Владата.

„Се обидувам да не сум патетична, се обидувам да сум разумна. Се обидувам да ги разберам некако зошто воопшто би преговарале кога и вака и онака 15 години нема да влеземе во ЕУ. Во ред, добро. Не сакам да преговарам за нешто што е само мое. Не сакам да ме нарекуваат севернамакедонка. Јас сум Македонка. Макрон, Je suis macédonien, Макрон. Македонка сум. Ако не разбираш, ќе ти преведеме”, вели Петрушевска.

И покрај јасно изразениот цврст став околу припадноста во обраќањето, таа сепак стравува од тоа што би можело да се случи со прифаќањето на францускиот предлог.

„Кажете ми, како јас на моите деца да им кажам дека нема повеќе од утре да сме Македонци, нема да се потпишуваме така. Учебниците ќе ни ги редактираат, замислете. Тие ќе ни кажуваат што ние треба да учиме и кој бил Никола Карев“, рече актерката.