Ракометарите на унгарски Веспрем се првите финалисти од завршниот турнир од регионалната СЕХА лига кој се игра во Задар откако го совладаа белорускиот Мешков од Брест со 28:24 (12:13) и го очекува победникот од дуелот меѓу ППД Загреб и скопски Вардар.
Фаворизираниот Веспрем до победата стаса со подобрата игра во второто полувреме, а се исткна шпанскиот голман Родриго Коралес со 15 одбрани, повеќето во клучните моменти на мечот. Во моментите кога унгарскиот тим правеше серија од 5:0 и се одлепуваше од Мешков, Коралес одбрани и два седмерца па во последните 10 минути се влезе со резултат 24:20. Предноста на Веспрем растеше и стаса најмногу до „плус шест“за конечните 28:24.
Гашпер Маргуч и Петар Ненадиќ постигнаа по шест погодоци за Веспрем, додека Александар Шкурински беше шесткратен стрелец за Мешков.