Во исчекување на главното дефиле на маските, кое треба да започне околу 14 часот, низ улиците на Вевчани веќе се појавуваат првите маски. Она што е интересно е што првите маскирани се странските гости кои што ги има во голем број. Тие изјавија дека се воодушевени од карневалот и овде се дојдени добро да се забавуваат.
Денеска во Вевчани се присутни и голем број амбасадори, политичари. а министерката за култура Елеизабета Канческа-Милевска ќе го отвори фестивалот. Во Вевчани изгледот на главните маски не се знае се до нивното главно претставување на дефилето. Вевчанскиот карневал има традиција од девети век и нуту еднаш не биле повторени маските.
Синоќа на концертите на Ѓоко Танески, Куку Леле и Ван Гог имаше голем број присутни гости.
Градоначалникот на Вевчани, Светомир Угриновски е задоволен од бројот на посетителите на карневалот и истакна дека синоќа имало од 15.000 до 20.000 гости на концертите.
„Во Вевчани се присутни, како Македонците од цела Македонија така и странци, а се очекуваат и амбасадорите на Германија, Бугарија, Босна и Херцеговина и други. Она што досега се случуваше беше забавен дел, но денска дефилето на маски на василичарите е вистинскиот главен настан“, изјави градоначалникот на Вевчани, Угриновски.
Тој исто така е задоволен што годинава е збогатена програмата на фестивалот.