Ѕвездите го поддржуваат враќањето на Кевин Спејси на сцената

Шерон Стоун, Стивен Фрај и Лијам Нисон побараа на Кевин Спејси да му се дозволи да се врати на актерството, пишува BBC.

Познатиот актер немаше ниедна голема улога на филмското платно, телевизискиот екран или во театарот откако беше обвинет за сексуално напаствување во 2017 година. Оттогаш до денес, тој имаше само неколку помали појавувања во неамерикански филмови, како што е филмот за покојниот хрватски претседател Фрањо Туѓман во режија на Јаков Седлар или во италијанскиот филм „L’uomo che disegnò Dio“ во режија на Франко Неро.

Меѓутоа, актерот кому му се затворени сите врати во Холивуд минатата година беше прогласен за невин по сите обвиненија за сексуално злоставување на четворица мажи во периодот меѓу 2001 и 2013 година пред британскиот суд, а во 2022 година американскиот суд го отфрли обвинението за сексуален напад поднесено против него.

Channel 4 минатиот месец емитуваше документарен филм за Спејси во кој двократниот оскаровец ги отфрли сите обвинувања.

„Ја преземам целосната одговорност за моето однесување и моите постапки во минатото. Но, не можам и нема да преземам одговорност или да му се извинувам на некој што измислил работи или преувеличувал приказни за мене“, рече Спејси.

По ослободителната пресуда и објавувањето на документарецот, неколку актери застанаа во одбрана на Спејси.

„Одвај чекам да го видам Кевин повторно на работа. Тој е гениј. Тој знае повеќе за нашиот занает отколку што повеќето некогаш ќе знаат“, изјави Шерон Стоун за The Telegraph.

Својата поддршка ја понуди и писателот, актер и водител Стивен Фрај, велејќи дека Спејси често се однесувал „несмасно и несоодветно“, но чувствувал дека ситуацијата во која подоцна се нашол е непропорционална и неоправдана.

„Наместо докази, угледот на Спејси се напаѓа со реторика. Освен ако не пропуштам нешто, мислам дека тој ја плати цената“, вели Фрај.

На тоа се приклучил и Лиам Нисон. „Кевин е добар и карактерен човек. На нашата индустрија многу ѝ треба и ѝ недостига“, рече тој.

Спејси, кој освои Оскар за „Приведете ги осомничените“ до 1996 година и „Вител на животот“ од 2000 година, беше отпуштен во 2017 година додека ја снимаше популарната серија на Netflix „Куќа од карти“.

Потоа, во интервју за The Telegraph тој рече дека по покренувањето на движењето MeToo, сите поитале да го осудат.

Претходно овој месец, Спејси победи и на граѓанското рочиште поради наводите дека сексуално нападнал маж.