Претседателот на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, изјави дека на престојните претседателски избори својот глас ќе го даде за кандидатот на Социјалдемократскиот сојуз, Стево Пендаровски.
Георгиевски вели дека тоа е негова лична одлука, а не би гласал за актуелниот претседател Ѓорге Иванов бидејќи, според него, тој бил безличен за време на неговиот мандат.
„ВМРО-НП ќе дадеше поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, ако како свој кандидат го избраа професорот Јове Кекеновски. Ние не може да му дадеме поддршка на Иванов, бидејќи како претседател на Република Македонија во мандатот што му изминува, тој беше безличен. Ако ме прашувате, лично јас ќе гласам за Стево Пендаровски“, вели Георгиевски.
Но, дали зад одлуката да гласа за кандидатот на СДСМ можеби се крие фактот дека Георгиевски виде свој сојузник околу прашањето за името? Георгиевски важи за политичар со став дека Македонија треба да го промени своето име. Од друга страна пак, Пендаровски е со став дека името треба да се решава далеку од очите на јавноста.
„Мислам дека е дојден часот кога релевантните политички субјекти треба да седнат далеку од очите на јавноста и да се договорат за две работи: дали нашите стратешки цели утврдени во 1990-тите остануваат истите или не, и ако одговорот е позитивен, тогаш каков компромис треба да направиме за да се интегрираме, но, при тоа, да го сочуваме народот затоа што тоа е апсолутен приоритет број еден“, вели Пендаровски во интервју дадено за Прес24 во декември, лани.
Можеби одлуката на Георгиевски да гласа за Пендаровски е токму поради овие ставови на претседателскиот кандидат на СДСМ, односно гледа свој сојузник во напорите за менување на уставното име на Република Македонија.