ВИДЕО: Американски морнари нападнати од група Турци

Тројца американски морнари во цивилна облека биле нападнати пред камера денеска во Истанбул од млади турски националисти што фрлале балони со црвена боја и извикувале слогани како „Јенки, оди си дома!“, „Долу американскиот империјализам“ и „Губете се од тука“.

Околу 20 члена од Турската унија на млади биле снимени како учествуваат во нападот врз тројца морнари што тукушто се симнале од УСС Рос, јави Њујорк тајмс.

По нападот, морнарите безбедно се вратиле во крстосувачот, откако демонстрантите извикувале навреди кон нив и ги нарекувале „убијци“.

Во соопштението објавено на турски, а пренесено од Тајмс, Унијата вели дека протестите биле организирани во чест на „нашите жртви и на милионите невини луѓе масакрирани од империјализмот на Блискиот Исток“.

„Сметаме дека ова е грдо и вознемирувачко. Го осудуваме овој напад“, рекол портпаролот на американската војска, полковникот Стивен Ворен.