(ВИДЕО) Аргентина го победи Чиле без Меси

Лионел Меси се уште не е максимално подготвен за игра по прележаниот коронавирус и доби поштеда од селекторот Скалони, но Аргентина покажа дека во овој момент знае да победува и без својот капитен.

„Гаучосите“ славеа на секогаш незгодното гостување кај Чиле со 1:2 во натпревар во кој сите три погодоци беа постигнати во првото полувреме, но по дуелот кој се одигра во градот Калама, со доста остри зборови кон домаќините се обрати Родриго Де Паул.

Фудбалерот на Атлетико Мадрид реши да обелодени низ каква голгота минале тој и неговите соиграчи по пристигнувањето во Чиле, па побара од надлежните кои ги организираат овие натпревари да обрнат поголемо внимание во иднина.

– Победивме и тоа е најдобрата вест, но сакам да знаете низ што минавме. Најпрво при пристигнувањето, бевме задржани три часа на аеродромот и не ни беше допуштено да одиме во тоалетот. Не оставија и без шишиња за вода после два и пол часа лет. Потоа, пристигнавме во хотелот во соби во кои температурата беше измеѓу 30 и 32 степени. Не работеа климите и моравме да ги отвораме вратите за да спиеме.

 – После тоа, се јавија сирени и фудбалерите не можеа да спијат од вревата. Кога се разбудивме на неколку часа пред мечот, немавме вода за пиење. Ова треба да го анализираат оние што се одговорни, не сакам да изгледа како да се жалам. Како претставник на репрезентацијата, можам да кажам дека сите селекции се добредојдени во Аргентина, кога доаѓаат во нашата земја ги добиваат сите услови за комоција. Треба да се покаже почит, – порача Де Паул.