Нема докази дека ударот на бродот што го предизвика уривањето на мостот „Френсис Скот Ки“ бил намерен, соопшти полицијата во Балтимор додека продолжува потрагата по неутврден број исчезнати лица во реката Потапско, пренесоа американските медиуми.
„Апсолутно нема индикации дека станува збор за некаков вид тероризам, дека тоа е направено намерно“, рече началникот на полицијата во Балтимор Ричард Ворли на прес-конференција.
Мостот „Френсис Скот Ки“ во Балтимор се урна откако контејнерски брод удрил во еден од неговите столбови среде ноќ.
Бројот на исчезнатите лица сѐ уште не е утврден. Портпаролот на локалната противпожарна единица претходно изјави дека во водата има дваесетина луѓе, но новите податоци покажуваат дека ги има помалку. Потрагата е отежната поради намалената видливост, бидејќи штотуку осамна во Балтимор, ккао и поради ниските температури. Температурата на водата во реката е околу 9 степени Целзиусови. Во овие услови во реката може да се преживее околу три часа, па нуркачите се во трка со времето.
По уривањето на мостот спасувачките екипи утврдиле дека има возила во реката Патапско.
„Нашиот сонар откри присуство на возила потопени во вода“, рече шефот на противпожарната служба Џејмс Валас. „Сè уште немаме точна бројка“. „Досега две лица се извлечени од реката, едното е неповредено, а другото е во болница во тешка состојба“, рече Валас.
Еден од потпорните столбови на мостот бил погоден од контејнерскиот брод „Dali“, кој плови под знамето на Сингапур. На видеата направени на местото на несреќата се гледа уривање на неколку сводови на мостот.
Во меѓувреме се дозна дека сингапурскиот брод бил изнајмен од данската бродска компанија „Maersk““, која објави дека целосно соработува со истражителите. Сопственикот на бродот кој удри во мостот, компанијата „Synergy Marine Corp“, објави дека се води сметка за сите членови на екипажот.
Причините за несреќата сѐ уште не се утврдени. Експертите велат дека може да се работи за неколку причини – дефект на главниот мотор, дефект на системот за управување, дефект на генераторот или човечка грешка на кормиларот.
Мостот „Френсис Скот Ки“, долг 1,6 милји, е крвотокот на пристаништето Балтимор. Ја премостува реката Потапско, отворен е во 1977 година и именуван по авторот на американската химна „Star Spangled Banner“. Годишно по него минуваат 11,5 милиони возила.