Лекарите и другиот медицински персонал во една од водечките белгиски болници „Сен Пјер“ организираа ткн „шпалир на презирот и срамот“ за премиерката Софи Вилмес, која во неделата ја посети споменатата медицинска установа за да ја искаже својата морална поддршка за тамошниот персонал.
Според снимките кои ги емитуваше телевизијата RTBF, лекарите и медицинските сестри се поставија од двете страни на асфалтната патека која води кон болницата, а како што се приближува конвојот со премиерката, го вртат грбот кон возилата за да ја демонстрираат својата огорченоста од тоа како белгиските власти го третираат здравствениот систем во време на пандемијата со коронавирусот. Во акцијата учествувале околу 120 лекари, медицински сестри и припадници на службата за брза помош.
„Лекарите инсистираат на исплата на надоместок или зголемување на платите во текот на изминатите два месеца напорна работа. Покрај тоа, вработените во болницата ‘Сен Пјер’, како и лекарите во целата земја, со негодување ја прифатија уредбата на владата за задолжителното прекувремено ангажирање на медицинскиот персонал, доколку е потребно. Нашите лекари и медицински сестри веќе работат прекувремено, а принудните мерки предизвикаа жестоко отфрлање“, изјавил Дирк Ван Овертвелд, портпарол на синдикатот на лекарите.
Премиерката Вилмес, говорејќи пред новинарите во болницата, изјавила дека белгискиот здравствен сектор „има потреба од реструктуирање и допонително финансирање“. Разговарала со вработени во болницата околу 40 минути, ветувајќи дека ќе се погрижи за нивна материјална и психолошка поддршка. Од своја страна, пак, претставниците на синдикатот потсетуваат дека Вилмес, која беше министерка за буџетот, е одговорна за кастрењето на потрошувачката во здравствениот сектор изминатите три години.
Во Белгија од почетокот на април се води жестока јавна дискусија по прашањето на директната финансиска поддршка за лекарите, но досега не се преземени никакви конкретни решенија ниту за висината на финансиската поддршка, за условите во кои ќе се исплаќа таа или за категориите на здравствените работници на кои ќе се однесува, ниту за прашањето како ќе се оданочуваат тие средства (данокот на доход во Белгија може да достигне до 40 отсто). Минатиот месец владата ги концентрираше своите напори за набавка од странство на маски и заштитна опрема за медицинскиот персонал.
Според состојбата со епидемијата од коронавирусот заклучно со саботата, во Белгија со 11,5 милиони населени вкупно се потврдени 55.280 случаи на зараза со коронавирусот, од кои 9.052 завршиле со смртен исход. Во оваа земја, на Covid-19 се тестираат само лицата со остри симптоми на болеста.
#BELGIUM – Protest against the Prime Minister Sophie Wilmes, hospital St. Pierre in Brussels.#coronavirus pic.twitter.com/fFsfgtfHKd
— Ali Özkök (@Ozkok_A) May 16, 2020