ВИДЕО| БиХ: Се бара притвор за таткото на момчето кое пукаше во наставник

Жупаниското обвинителство во Тузла во петокот побара мерка притвор за таткото на тинејџерот кој пред два дена пукаше во наставник во основно училиште во местото Лукавац и притоа тешко го повреди.

Како што се наведува во соопштението на обвинителот испратено до општинскиот суд, таткото чиј идентитет не се соопштува е осомничен за кривично дело запоставување или злоупотреба на дете, како и недозволено поседување огнено оружје.

Таткото бил уапсен неколку часа откако неговиот 14-годишен син вооружен со пиштол во средата дошол во основното училиште „Лукавац град“ и испукал неколку куршуми кон наставникот по англиски јазик Недим Османовиќ.

Притоа, малолетникот го застрелал Османовиќ во пределот на вратот, нанесувајќи му повреди опасни по живот.

Повредениот наставник е опериран во Клиничкиот центар во Тузла, од каде подоцна појаснија дека Османовиќ е во стабилна состојба, но неговиот живот сѐ уште е во животна опасност.

Од средата немаше нови информации за неговата здравствена состојба, а момчето кое пукаше во него е приведено и по распитот е сместено во психијатриското одделение на Клиничкиот центар во Сараево.

„Во Тузла немаме кревети за сместување на малолетници во психијатриско одделение“, ги објасни причините за оваа постапка, началничката на психијатриското одделение на болницата во Тузла, Нермина Кравиќ, потврдувајќи дека тоа им е проблем, бидејќи има значителен број на случаи на психопатологија кај децата и младите.

Како што објасни портпаролот на обвинителството во Тузла, Адмир Арнаутовиќ, момчето нема да може да биде кривично гонето за нападот врз наставникот, бидејќи со оглед на неговата возраст, тоа го попречува законот за кривична постапка.

Но, кривично гонење му се заканува на неговиот татко, кој првично беше обвинет дека нелегално држел пиштол во куќата. Ова оружје претходно со дозвола го поседувал дедото, но тој починал а синот не ѝ го предал пиштолот на полицијата, на што бил обврзан со законот.

Покрената е дополнителна истрага, поради тврдењата за проблематичното однесување на момчето во минатото, поради што е избркано од училиштето во чија наставник пукал.