Потоа ќе се заменат челичните плочи на надворешната обвивка на бродот, ќе се исчистат осовинските водови и оската на кормилото, ќе се демонтираат и средат сидрата, ќе се заштитат од корозија и ќе се извршат уште некои нужни работи.
Во краљевичкото бродоградилиште „Далмонт“ почна преуредувањето на „Галеб“ во музеј.
Досега се извршени работите на санацијата на структурата на бродот, остранувањето на азбестната изолација, демонтирана е дрвената палуба, дел од бродската опрема е поправен, а дел предаден на Музејот на градот Риека за реставрација.
Обновата е пренаменувањето на „Галеб“ во брод-музеј е дел од проектот за кој градот Риека доби 9,16 милиони евра од Европскиот фонд за регионален развој.
Тито бродот го користеше од 1948 до својата смрт од 1980 година, а по распадот на Југославија „Галеб“ стана сопственост на Црна Гора.
Потоа му беше продаден на еден грчки бизнисмен, но остана врзан во бродоградилиштето „Виктор Ленац“ кај Риека, а потоа преместен на риечката рива.
Хрватските власти решија бродот да се зачува и да стане музеј, но во 2008 година делумно потона поради протекување на трупот.
Потоа „Галеб“ во 2009 година ѝ беше продаден на Риека за 150.000 американски долари. Од тогаш повремено беше користен за уметнички изложби и конференции.
Градоначалникот на Риека во 2014 објави дека „Галеб“ ќе биде изнајмен, делумно како музеј чии главни атракции се Титовата кабина и машинската сала, а делумно за комерцијални активности – ресторан и бар.
Потоа Риека како годинешна Европска престолнина на културата ги доби првите 4,5 милиони евра за поправка на бродот. Откако беа набавени и остатокот од парите, се очекува поправката на „Галеб“ да заврши оваа година и тој конечно да стане брод-музеј.