Четворица мигранти загинале откако биле турнати од глисер недалеку од плажа во Кадиз во јужна Шпанија, соопштија во средата шпанската Цивилна гарда и спасувачките служби.
Глисерот превезувал вкупно 27 имигранти, од кои 23 преживеале.
Фотографиите објавени на социјалните мрежи и на локалните медиуми, чија автентичност сè уште не е потврдена од Reuters, покажуваат црн чамец на надувување во близина на плажата со луѓе на него како фрлаат други луѓе во морето, кои почнуваат да пливаат во морето.
„Видовме како доаѓа чамец со шверцери на дрога, но тие не шверцуваа дрога, на него имаше мигранти. Одеднаш почнаа да скокаат, а некои беа фрлени. Има дури и фотографии на кои се гледа како еден од газдите се заканува со пиштол на мигрант како да му вели ‘Скони или ќе те застрелам’, изјави очевидецот Хавиер Гонзалес за локалната телевизија.
Гонзалес е сурфер кој бил на плажата со група од 15 до 20 колеги и им помогнал на мигрантите да излезат од водата. „Отидовме кон момците, мигрантите, а дотогаш, за минута или две, тројца од нив веќе лежеа со лицето надолу“, додаде.
Додека луѓето на плажата притрчале да помогнат, чамецот брзо се оддалечил.
Останатите осум мигранти биле оставени на плажата Санкти Петри во блискиот град Чиклана, каде им помогнал медицинскиот персонал и Цивилната гарда, а тројца биле пренесени во болница поради хипотермија.
Кадиз се наоѓа на југот на Шпанија, на приближно 20 километри од северноафриканскиот брег. И покрај неговата близина, областа Кадиз не е честа дестинација на мигрантските рути од Магреб бидејќи се наоѓа на брегот на Атлантскиот Океан, каде што условите на морето се посложени и надзорот на Гибралтарскиот теснец е интензивен.