Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на денешниот митинг во Демир Капија, истакна дека на 24 април професорката Гордана Силјановска Давкова ќе го најави својот триумф, а конечниот триумф ќе се случи на 8 мај, кога ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата ќе освои мнозинство во македонскиот парламент со 61 пратеник.
Тој истакна дека народот денеска во Македонија нема контрола врз сопствената држава, таа е заробена и киднапирана од 100 разбојници на ДУИ поддржани од страна на измеќарите од СДС.
– СДС се измеќари на разбојниците од ДУИ, а тоа се другарчињата на Артан Груби, на Бујар Османи, заедно со Али Ахмети. Тие луѓе за жал ја киднапираа Македонија од народот, а тој разочаран ја напушта Македонија. Не селата, туку градовите се празнат, има се помалку дечиња во училиштата. Тоа е трагедијата, сурова реалност и таа мораме да ја смениме, во спротивно ќе ја загубиме државата, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека потребно е државата која Ковачевски му ја остави на тацна на Али Ахмети да си ја вратиме, а тоа можеме да го направиме ако се обединиме околу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија.
Ги повика граѓаните да му помогнат на Пендаровски да се исели бидејќи тој самиот кажа, ако не бил претседател ќе ја напуштел Македонија.
– Стево Пендаровски за себе вели дека најдобра карактеристика му било дека не крадел, а тие кои го поддржуваат краделе, па тогаш со какви пари му ја финансираат кампањата? И оние скапо платени балкански мешетари кои ги донесоа да креираат фалсификати и да замајуваат јавност. Човекот е загубен, насабајле прво ги озборува тие околу него, а на пладне преминува кон оние кои го поддржуваат, кои не ги носи со себе, бидејќи е самобендисан и мисли дека му е голем рејтингот и до него не се ни Ковачевски, ни Зечевиќ, ни Маричиќ, а во суштина немаше втор кој ќе прифатеше да биде губитник, рече Мицкоски.
-Професорката Гордана Силјановска Давкова има свој став и е спремна да го брани својот став со аргументи. Тоа е жена која е титан и ги бранеше македонските интереси и надвор од Македонија во Советот на Европа. Таа како уставен експерт беше дел од Венецијанската комисија, инспирираше многу колеги кои денес ја цитираат и имаа од кого да учат. Таа остана и се бори за Македонија и народот. На овие избори јасен е изборот, Гордана Силјановска Давкова е новиот претседател, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се новата влада и тука нема дилема, на сите им е јасно, Македонија треба да биде горда и твоја, изјави МИцкоски.