Протестот против претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, пред неговата резиденција во центарот на Минск, заврши кога започна да врне силен дожд.
Полицијата вршела спорадични апсења во текот на целиот ден. Приведени се најмалку 125 лица, објави руската новинска агенција РИА, според податоците на Министерството за внатрешни работи.
Лукашенко бил во неговата резиденција за време на протестот, објави каналот Телеграм.
Протестот започна со прошетка покрај Авенијата за независност, а откако полицијата ја блокира авенијата, демонстрантите се движеа кон Паркот на Победата и кон претседателската резиденција, која е опкружена со полициски кордони.
Немаше судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Опозицијата во Белорусија планира да воспостави свое политичко движење во земјата, рече портпаролката на опозицискиот Координативен совет, Марија Колесникова.
Во видео емитувано во живо на ЈуТјуб, Колесникова потврди дека опозицијата во Белорусија има намера да основа свое политичко движење и дека Координативниот совет ќе се врати на ова прашање, пренесе руската новинска агенција ТАС С.
Таа посочи дека во последните 20 години не е регистрирана нова политичка партија во земјата и оцени дека таквата состојба укажува на тоа дека механизмите за формирање и регистрација на политичките партии во Белорусија не работат, или барем не како што треба, како и другите закони во таа земја.
Колесникова исто така истакна дека членовите на Координативниот совет работат бесплатно, на доброволна основа, и дека никој од нив не се обратил на Запад за финансиска помош.
„Од медиумите дознавме за 53 милиони евра за кои разговарале претставниците на Европската унија, но не ги побаравме“, рече таа.
Десетици илјади демонстранти извикуваа денес „Среќен роденден, стаорецу“ во близина на резиденцијата на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, во Минск, барајќи негова оставка.
Лукашенко, кој денес наполни 66 години, се соочува со протести по победата на изборите на 9 август, за кои неговите противници велат дека биле наместени. Тој ја негира изборната измама и тврди дека демонстрантите добиваат помош од странство, пренесува Ројтерс.
Демонстрантите се собраа пред резиденцијата на Лукашенко, која ја чувале безбедносните сили. Се гледаат колони на оклопни воени возила кои се движат кон центарот на градот, објави руската новинска агенција Интерфакс.
Белоруската полиција вчера приведе 29 лица за учество во масовните настани, кои властите не ги одобруваат, објави денеска Министерството за внатрешни работи.
„Вкупно 35 случаи на кршење на законот за масовни собири беа регистрирани од органите за внатрешни работи по истрагата, а 29 лица беа приведени до судот што ги расправа случаите“, објави Министерството, пренесува ТАС С.
Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко во телефонски разговор се согласија дека ќе одржат состанок во Москва во наредните недели, потврди Кремљ.
Во телефонски разговор, Путин и Лукашенко ги потврдија своите планови за понатамошно зајакнување на руско-белоруската алијанса.
Покрај тоа, обете страни се согласуваат да ја прошират заемно корисната соработка во сите области, објави руската агенција ТАСС.