ВИДЕО| Десетици повредени во стампедо во Доха

Десетици луѓе се повредени во стампедо по новогодишната ноќ во главниот град на Катар, Доха.

Инцидентот се случил на метро станица во предградието Лусаил во Доха, по огнометот и концертот на отворено. Според извештаите на медиумите, луѓето се повредени во стампедо додека брзале кон станицата во близина на булеварот Лусаил за да ги фатат последните возови пред метрото да биде затворено во текот на ноќта.

Како што се наведува, на местото биле повикани екипи на итна медицинска помош. На видеата објавени на Х, наводно, се гледа како лекарите ги лекуваат повредените во станицата на метрото по стампедото.

Локалните власти се уште не го коментираат инцидентот. Нема точни информации за бројот на повредени.

Ова е трет пат булеварот Лусаил, кој се наоѓа северно од Доха и се протега на 1,3 километри, да биде домаќин на новогодишните прослави.

Снимките објавени на интернет покажуваат спектакуларно светлосно шоу со одбројување до 2025 година и огромен огномет на кој присуствуваа илјадници.