Околу 400 странски платеници во составот на украинската единица се опколени во областа на погоните на металуршкиот комбинат „Азовстал“ крај стратешки важниот јужен пристанишен град Мариупол, прецизираше во неделата на брифинг за медиумите портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков.
„Севкупно, според исказите на заробените украински војници, до 400 странски платеници од украинската воружена групација се опколени на територијата на претпријатието ‘Азовстал’“, изјавил Конашенков, пренесува агенцијата РИА.
Појаснил дека повеќето од нив се државјани на европски земји, без да ги прецизира, како и Канаѓани. Конашенков истакнал дека според меѓународното хуманитарни право, платениците немаат статус на „борци“, па затоа „најдоброто нешто што ги очекува е кривична одговорност и долги затворски казни“.
„Претходно објавивме дека разговорите преку средствата за комуникација меѓу милитантите во Мариупол се водат на шест странски јазици. Доколку и натаму пружаат отпор, сите ќе бидат уништени“, додал Конашенков.
Според податоците на руското министерство за одбрана, во моментов во Украина има повеќе од 4.800 странски платеници.
Руската војска претходно во петокот објави дека речиси целиот Мариупол е под контрола, а судирите продолжуваат главно на територијата на металуршкиот комбината „Азовстал“ каде што е утврден злогласниот полк „Азов“. Претходно седмицава беа објавени снимки на предавањето на повеќе од 1.400 украински маринци во Мариупол, концентрирани главно во челичарницата „Илич“, исто така, на периферијата на градот.
Руското министерство за одбрана во неделата соопшти дека животите на украинските сили кои сѐ уште се борат во Мариупол ќе бидат поштедени доколку го положат оружјето во 6 часот наутро по московско време. Според условите на предложениот договор, преостанатите бранители во фабриката треба да ја напуштат во периодот од 6 до 13 часот по московско време, без оружје и опрема.
Киев ќе се откаже од натамошните преговори со Москва за склучување примирје, доколку бидат уништени украинските сили во јужниот пристанишен град Мариупол, изјави во саботата украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Изјавата на Зеленски следува откако претходно во саботата за руската телевизија Россия 24, Денис Пушилин, челникот на порусиките сили од Доњецк изјави дека „националистичките баталјони“ во Мариупол немаат намера да се предадат и оти ќе мора да се водат судири до нивно целосно уништување.ж