Во црногорскиот парламент во петокот на седницата во Цетиње во текот на рагледувањето на предлог-законот за ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Македонија, пратеници на црногорската партија Демократски фронт во Собранието на Црна Гора го нарекоа македонскиот спикер Талат Џафери „терорист“, обвинувајќи го дека пукал во македонските полицајци и војници.
Господинот Џафери е поранешен припадник на терористичките организации, човек кој пукаше македонските војници, на македонската полиција и сигурно пукал и на Србите. Затоа така се однесувам кон него, изјави пратеникот на Нова српска демократија, Јован Вучуровиќ.
Освен пораките испратени кон спикерот на македонското Собрание, од црногорските пратеници проблематизирано беше и самото гласање за Протоколот, барајќи да не се гласа за него, велејќи дека е против изразената волја на граѓаните на референдум.
На референдумот излегле вкупно 36,89 проценти, тоа е фијаско. Тоа не е неуспех! Значи, народот на Македонија го одби протоколот за кој ние денеска гласање и вие на нас во Црна Гора ни го претставувате ова како свечен чин и треба да учествуваме во верификација на ненародната волја во Македонија. Тоа е срамно, изјави пратеникот на Демократски фронт, Славен Радуновиќ.
Народните избраници од власта и претседателот на црногорскиот Парламент побараа покултурен однос кон македонскиот гостин, велејќи дека тој не може да одговори на нападите бидејќи нема да се обрати пред нив.
Сепак, протоколот беше изгласан од страна 44 пратеници, без присуство на опозицијата. Црна Гора е петта земја членка на НАТО која официјално се согласи за наше членство во Алијансата.