ВИДЕО I 30 години од историскиот меч во кој Вардар стана првиот клуб што го освои фудбалскиот Куп во самостојна Македонија

На 23-ти мај 1993 година на Градскиот Стадион во Скопје се одигра првото финале на Купот на Македонија помеѓу екипите на Вардар и Пелистер.

Пред полни трибини и прекрасна атмосфера, со голот на Жанко Савов во 88-та минута Вардар влезе во историјата на македонскиот фудбал како прв освојувач на Купот на Македонија.

За овој натпревар од фудбалската историја е запишано дека во битката за престижниот наслов, Вардар го совлада вечниот ривал, битолски Пелистер, а стрелец на единствениот погодок во самиот финиш  беше Жанко, кој во Вардар дојде токму од Пелистер.

По завршувањето на натпреварот, тогашниот претсетдател на Република Македонија, Киро Глигоров, му го врачи победничкиот пехар на капитенот на Вардар, Љупчо Марковски – Калц.

Тогашен тренер на Вардар беше Ѓоко Хаџиевски, а вардарци по осамостојувањето на татковината, во сезоната 1992/93 ја освоија и првата двојна круна на домашната фудбалска сцена.

Натпреварот се одржа пред полни трибини на кои имаше 20.000 навивачи. Главен судија беше Гоце Попев (Скопје), помошници Ванчо Коцев (Штип) и Бранко Манојловски (Тетово).