Археолозите кои работат на локалитетот Саккара, јужно од египетската престолнина Каиро, откриле 150 бронзени статуи изработени по урнекот на фараонските богови, 250 добро зачувани саркофази за мумии и бројни други предмети од V век пред нашата ера, објави египетското министерство за туризам и старини.
Меѓу откритијата во некрополата Саккара се и статуите на древните египетски богови и божици: Анубис, Амун, Мин, Озирис, Изида, Нефертем, на древното божество-мачка Бастет и на божицата на љубовта Хатор, како и статуа на кралскиот архитект Имхотеп кој ја изградил пирамидата во Саккара, се вели во соопштението на министерството.
Археолозите пронашле и примерок од древноегипетскиот музички инструмент систрум и збирка од бронзени садови користени во ритуалите во чест на божицата Изида.
Украсените со цртежи дрвени сакрофази се пронајдени негибнати, а во нив се откриени мумии, амајлии и помали дрвени кутии.
Откриени се и дрвени статуи на божиците Нефтидe и Изида од раниот период, двете со позлатени лица и збирка древни козметички кутии и садови, бронзено огледало, гердани, нараквици и украси за зглобовите.
Во еден саркофаг се наоѓал добро зачуван папирус испишан со хиероглифи, а се претпоставува дека можеби се стихови од мистичната древноегипетска Книга на мртвите. Папирусот е испратен на анализа во лабораторијата на Египетските музеи во Каиро.
Саркофазите од Саккара ќе бидат изложени во Големиот египетски музеј, кој сѐ уште е во изградба, а сместен е недалеку од Големите пирамиди во Гиза. Би требало да биде отворен до крајот на оваа година.
Некрополата Саккара, јужно од пирамидите во Гиза, последните години е непресушен извор на археолошки наоди. Археолошките ископувања во оваа област започнаа во 2018 година.