ВИДЕО I Морант со две лудории донесе драматична победа за Мемфис

Натпреварот меѓу Минесота и Мемфис беше убедливо најинтересен и највозбудлив од оние трите кои се одиграа ова утро, од едноставна причина што прашањето околу победникот се решаваше во последната минута.

Домашниот тим диктираше во завршните три-четири минути и одржуваше предност од 4 поени, но кога дојде моментот на вистината, на сцена стапи Џа Морант.

Големата ѕвезда на Мемфис беше решена да го приведе мечот при крај во полза на својот тим, а тоа го направи со две лудории во негов акробатски стил.

Морант вети дека во иднина се почесто ќе избегнува монструозни забивања кои беа карактеристични за него, но очигледно знае да погодува и со циркуски шутеви од полудистанца.

Џа изведе две лудории во финишот од средбата, најпрво за израмнување на 125:125, а потоа и за победа на Мемфис од 125:127.

Морант до тој момент беше прескромен за свои стандарди, а со завршните 4 поени стигна до вкупно 12 против Минесота, натпревар на кој најефикасен во редовите на Мемфис беше Џексон со 33 поени.

На останатите два натпревари, Детроит го победи Торонто со 123:114, додека Портланд на домашен терен беше поразен од Мајами со 98:119.

https://twitter.com/NBA/status/1878283322377314427