ВИДЕО I Нов хаос во албанскиот Парламент

Албанските опозициски пратеници, предводени од поранешниот премиер Сали Бериша, и денеска не дозволија оддржување на пленарна седница на албанскиот Парламент. Тие денеска први влегоа во пленарната сала и покрај присуството на припадници на Националната гарда, сепак, ја „затрупаа“ говорницата со столчиња и сето тоа директно го пренесуваа на Фејсбук.

Попусти останаа сите обиди на претседателката Линдита Никола да ја почне седницата бидејќи салата беше исполнета со чад од пиротехнички средства, па затоа по 20 минути мораше да каже дека седницата е одложена.

Ова е уште еден потег на опозициските пратеници од крилото на Бериша ( 45 од 59 опозициски пратеници) да не дозволат нормален тек на седницата, најавувајќи дека тоа ќе го прави сè додека не се исполнат нејзините барања: формирање анкетни комисии, вклучување во комисијата за изборни реформи, мнозинството да се откаже од вмешаноста во внатрешните случувања на опозицијата.

-Граѓанската непослушност продолжува и денеска, мирниот протест на опозициските парламентарци со ускратени уставни права. Овој парламент 18 месеци по налог на Еди Рама не дозволува формирање на анкетни комисии со кршење на Уставот. Еди Рама не може да ги прифати нив бидејќи тие прво ќе ги откријат членовите на неговото семејство кои добиле тендери и јавни средства. Еди Рама не може да ги прифати овие комисии бидејќи постојано е инкриминиран и се однесува како шеф на криминална организација за државата, рече меѓу другото Бериша.

Попусти беа и апелите на Таулант Бала, пратеник и министер за внатрешни работи, кој побара од пратеницте „да не стануваат живот месо за интерес на лице прогласено за непожелно во САД и Обединетото Кралство и под истрага од СПАК“.