![karolina goceva od nebo do dno](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/karolina-goceva-od-nebo-do-dno.jpg?resize=696%2C363&ssl=1)
По пауза од речиси 12 години „македонскотодевојче“ сними нова поп песна. Каролина Гочева откако реши да се „прквалификува“ и своите песни да ги ги пренасочи во еден сосема поинаков музички правец, близок на новосоздадената македонска сртароградска песна, конечно реши да им се врати на сопстевните музички корени, на својот вокален израз кој ја прослави уште како млада тинејџерка.
Дали пејачката како „птица малечка“ среде амбар со жито се презасити од правецот кој го преферираше последнава деценија, па летово по концертот на стадионот на АРМ во Скопје сфати дека враќањето на стариот извор може да и донесе повеќе од „две лири“, или едноставно поучена од старата изрека: „Кротко јагне од две мајки цица“, македонската музичка уметница реши одново да проба да седи на две столици… Музички, секако!
Оттаму враќањето во ар ен би и поп водите можеби и е очекувано од „скопската битолчанка“ која со новата тема насловена „Од небо до дно“ ќе се обиде да ја врати старата публика која можеби никогаш и не ја напуштила нејзе и нејзината некогашна музика, туку само ја позаборавила… Токму затоа новата песна на Каролина, инаку авторско дело на проверениот музичко-продуценстки лисец Роберт Билбилов, наликува на старите добри поп хитови од најдобрите денови на пејачката. Се разбира, само со помодерен аранжман, испеглана продукција и избор на актуелни и современи бои и звуци кои денес се во мода во музичката индустрија.
Песната е визуелизирана и со едноставно, нискобуџетно, но сепак функционално студиско видео, во издание какво и досега Каролина веќе сме ја виделе, иако несомнено имала и многу поуметнички или погламузрозни и поскапи спотови за своите песни. Видеото го потпишува Пирка АВХ, продуценти се Давид Николовски и Дамјан Миновски, а режисер на истото е Влатко Владимиров, додека зад камерата бил Борис Ралев.
Вокално Каролина стандардно добра и беспрекорно сигурна, па песната како и видеото се доволно квалитетни и функционални за да си ја завршат работатата чија мисија е да ја вратат Каролина како поп пејачка на сцената, иако таа всушност тоа никогаш и не престанала да биде.
Слушнете како звучи и како изгледа кога Каролина пее и танцува, доволно за да ве размрда… „Од небо до дно“.