ВИДЕО|Климатски активисти принудија музеј во Амстердам да затвори на неодредено време

Амстердамскиот „Rijksmuseum“ одлучи да ги затвори вратите за посетителите „до понатамошно известување“ во саботата, реагирајќи на блокадата на активистите од климатската група Extinction Rebellion (XR) кои се врзаа со синџири на влезот во музејот и запалија жолти факели за да ги спречат посетителите да влезат во еден од најпознатите холандски културни простори.

„Наш приоритет е безбедноста на посетителите, персоналот и уметничката колекција“, изјави портпаролот на музејот за холандската новинска агенција ANP, додавајќи дека „секоја активност што го загрозува ова е неприфатлива“.

Во жолто облечени активисти претходно се врзаа со синџири на влезот од музејот, палејќи жолти факели за да ги спречат посетителите да влезат во едно од најпознатите културни места во Холандија. Велат дека нивната цел е да ја принудат управата на музејот да ги прекине врските со главниот спонзор, банката ING.

Активистите на ХР ја обвинуваат ING дека е вклучена во финансирањето проекти што ѝ штетат на климата. Од организацијата нагласија дека блокадата ќе продолжи сѐ додека не се исполнат нејзините барања.

Музејот, во кој се сместени огромна и вредна колекции уметнички дела, вклучувајќи ја и „Ноќната стража“ на Рембрант, секојдневно привлекува илјадници посетители од целиот свет.

„Неразбирливо е Rijksmuseum да си дозволи да биде финансиран од ING, најголемиот финансиски двигател на климатската криза“, изјави портпаролот на XR за ANP.

Тој, исто така, вели дека XR верува дека музејот му дозволува на „големиот загадувач“ да се „сокрие зад познатите уметнички дела од холандската историја“.

Портпаролот на ING одговори дека „ако XR има некаков проблем со политиката за финансирање на ING, организацијата треба директно да контактира со ING, а не со Rijksmuseum“. Додаде дека ING е „секогаш отворена за дијалог“.

XR долго време води кампања против финансирањето на она што го гледа како „индустријата за фосилни горива“. Членовите на XR, меѓу другото, постојано ја блокираа обиколницата А10 во Амстердам недалеку од поранешната централа на ING.