ВИДЕО| Коцaрeв: Македонија е повторно поробена држава и само обичен протекторат на кој му е потребен трет Илинден

Обидите за комплетно негирање на македонската научна мисла и македонската национална меморија, како и отсутност на државата од достојно одбележување на двата Илиндена, само го потврдува фактот дека активно се работи на негирање на македонската историја.

Ова беа дел од ставовите искажани на научната трибина во Крушево, по повод 120 години од Илинденското востание, која на никаков начин не била поддржана од државата и била единствена од ваков вид за овој голем ден, а во организација на Матицата на иселеници на Македонија и поддржана од неколку Општини.

„Отсуството на државната заинтересираност за ваквите настани јасно говори колку бегаат од македонската содржина и одат на линија на негорање на македонската историја. Ние пак научниците сакаме да опонираме и да се спротиставиме на она што го пишува во договорот од 2017 за заедничка историја. Македонскиот народ создаваше свој историја, а бугарскиот народ своја историја. Ние секогаш ќе ја проучуваме македонската историја, а македонскиот народ секогаш ќе се сеќава на својата колективна меморија, на своите предци“, рече Наташа Котлар Трајкова, научен советник во Институт за национална историја.

„Се решивме да бидеме дрски и безобразни за да им опонираме на оние кои скааат да ја избришат македонската историја и да ги лишат нашите идни поколенијај од чувството на припадност или на достоинство кое им го дава Илинден и АСНОМ-ските решенија“, кажа Катерина Тодороска, научен советник во Институт за национална историја.

Претседателот пак на МАНУ, Љупчо Коцарев, истакна дека денес Македонија е повторно поробена држава и само обичен протекторат на кој му бил потребен трет Илинден.

„Македонија е повторно поробена земја, вазал, банана држава, неоколонијален феуд. А за тоа се исклучиво виновни дел од македонските политичари кои во изминативе 30 години поддржувајќи лукративни, сервилни и недостоинствени форми на владеење, поточно би рекол дивеење, ја трансформираа Македонија од слободна во поробена земја“, изјави Коцарев.

Зборуваа и Македонци од Бугарија за репресиите кои ги трпат сите овие години, а немааат никаква помош од Македонија.

„Тие викаат ќе ги платиме сите пресуди од Стразбур ама нема да ве регистрираме. Тие се согласни да плаќаат, но не и да не регистрираат како Македонци“, додаде Стојан Герасимов, Македонец од Пиринска Македонија.

Се одржа и изложба насловена како Илинден во иселеничкиот печат.