(ВИДЕО) Крузер под карантин со 6000 патници во Италија, поради сомнеж за коронавирус

Крузерот Коста смералда во Италија во пристаништето Сивитавекија е ставен под карантин, поради сомнеж на појава на зараза на коронавирусот.
Двајца патници имаат потенцијални симптоми на тоа заболување. Во моментов се прават тестирања за да се утврди дали се заразени со смртоносниот коронавирус. Двојката е со потекло од Хонг Конг и Макао, а во Италија слетале на 25 јануари и потоа се качиле на крузерот, јавува Ла република.

Сѐ додека не завршат тестирањата, околу 6.000 патници не смеат да го напуштат крузерот и се наоѓаат во своевиден карантин.

Од пристанишната управа јавиле дека ситуацијата е под контрола и дека патниците ќе бидат пуштени за неколку часа.

„Ги чекаме резултатите од тестирањата. Направивме сѐ што беше потребно. Ситуацијата е под надзор и во моментов нема причина за загриженост“, изјави командантот на крајбрежната стража Винченцо Леоне.

Од компанијата Коста крочере соопштија дека само сопругата има симптоми на зараза со коронавирусот, односно висока температура, додека нејзиниот маж засега нема никакви симптоми. Тие додадоа дека превентивно ги сместиле двајцата во изолирани и одвоени простории на бродот.