(ВИДЕО) Мицкоски: Го зачувавме идентитетот затоа што излезе народ, обединување за да не губи Македонија

Тука нема партија, тука нема вера, тука нема нација, нема леви, нема десни, нема либерални, нема конзервативни, сите сме денеска потребни да се обединиме и да му застанеме на патот на овој политичар и владата која што тој ја предводи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски им се заблагодари на сите сограѓани кои што протестирале со нив против погрешните и анационални политики на владата предводена од СДСМ и Зоран Заев и најави дека тоа е само првиот чекор до крајната цел – пораз на Заев и ослободување на Македонија.

– Ќе ве потсетам дека станува збор за политичар кој се колнеше во најмилото, а лажеше или политичар чија што политичка филозофија се сведува на „all in“, или се или ништо.  Но, „all in“ не со неговите блиски, или животите на неговите блиски, туку со вас и животите на вашите блиски. Затоа е потребно обединување. Попусти се сите оние бесцелни празни соопштенија кои што излегуваат на социјалните медиуми, потребна е акција и дела. Но, вистинска акција и вистински дела. Затоа ја користам оваа прилика да ве потсетам дека само кога ќе биде поразен Зоран Заев ќе престане да губи Македонија, а за тоа ни треба обединување – рече Мицкоски во видеообраќањето.

Тој ги повика сите заедно да се обединат без разлика дали се политички определени или политички неопределени, леви, десни, либерални, или конзервативни, да се обединат за да може Македонија да продолжи да победува.

– Затоа ги повикувам сите оние кои што се чувствуваат понижени, омаловажени, засрамени поради оваа таканаречена дома дипломатија на владата на СДСМ предводена од Зоран Заев, да застанат рамо до рамо со нас и обединети да пркосиме на сето тоа. Ги повикувам сите оние родители чии што најмили не ја добиваат на вистински начин науката и образованието кое што го заслужуваат како што тоа го добиваат нивните врсници во развиениот свет, застанете со нас и заедно да се избориме за подобро образование. Ги повикувам и сите оние кои што ја почувствуваа суровоста на пандемијата и загубија некој близок, или не ја добија навреме медицинската нега поради девастираното и уништено здравство, застанете со нас за модерно и современо здравство во Македонија.  Ги повикувам и земјоделците чија што мака и труд не се соодветно платени, обединете се и застанете со нас, за подобри денови кога вистински ќе се цени вашата мака и ќе биде платен вашиот труд. Ги повикувам и младите оние кои што денеска чувствуваат бесперспективност и се без надежни дека ако останат во нашата мила Македонија дека нивната иднина нема да има предвидлива разрешница. Ги повикувам да застанат рамо до рамо со нас и да се избориме за заеднички подобра и навистина перспективна иднина. Ги повикувам  сите оние кои што се жртви на цунами економијата на владата предводена од СДСМ и Зоран Заев, сите оние кои што се чувствуваат посиромашни или изгубиле работа, застанете со нас за економија на нови инвестиции, економија на странски инвестиции, економија на нови работни места. Тоа е иднината за која што ние се стремиме. Тука нема партија, тука нема вера, тука нема нација, нема леви, нема десни, нема либерални, нема конзервативни, сите сме денеска потребни да се обединиме и да му застанеме на патот на овој политичар и владата која што тој ја предводи – рече Мицкоски.

Тој смета дека сега е важно да се застане на патот на неправдата и дека затоа е потребно обединување, да престане трговијата со идентитетот, да престане трговијата со посебноста, историјата, обичаите, традицијата. Да престане трговијата со правата на Македонците кај источниот сосед и кај нашите соседи воопшто.