Џа Морант беше херој во пресвртот на домашен терен со кој Мемфис Гризлис се врати во предност во серијата против Минесота Тимбервулвс (111-109).
Гостите имаа одлична шанса да направат нов „брејк“ и да застанат на чекор од втората фаза во плеј-офот. Но, двоцифрената предност во последната завршница ја загубија во последните минути, кога ѕвездата на домашниот тим успеа да погоди на една секунда до крајот и да го постави конечниот резултат. Морант заврши со 30 поени, 13 скока и девет асистенции и беше прво име на натпреварот.
Победа на домашен терен оствари Феникс Санс кој поведе со 3-2 против Њу Орлеанс Пеликанс (112-97). Шестиот натпревар се префрла на теренот во Луизијана, каде кошаркарите на Вили Грин ќе се обидат да обезбедат „мајсторка“.
Екипата од Аризона постојано водеше и имаше контрола над резултатот. Во ниту еден момент не беше доведено во прашање името на победникот. Микал Бриџис заврши со 31 поен, а одличен беше и Крис Пол со 22 поени и 11 асистенции.
Последниот меч донесе конечна разврска по која Мајами Хит ја елиминира екипата на Атланта Хоукс (97-94).
Одбраните беа на нивото на петтиот натпревар во оваа серија. Хоукси направија максимални напори да се вратат во игра, но останаа покуси за три поени. Џими Батлер не настапи, но тоа не беше проблем за тимот предводен од Ерик Сполстра. Виктор Оладипо постигна 23 поени и беше најефикасен за „жешките“. Кај гостите изненади Де’Андре Хантер кој заврши со 35 поени и 11 скока.