![openhajmer](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/12/openhajmer.jpg?resize=696%2C350&ssl=1)
Филмските студија „Universal Pictures“ го објавија во понеделникот трејлерот за новото остварување „Опенхајмер“ на режисерот Кристофер Нолан.
Дејствието во филмот се одвива во периодот на Втората светска војна, кога американските научници работеле на нуклеарната програма „Проектот Менхетен“, во рамките на која е создадена првата атомска бомба во историјата, што претходеше и на првата и досега единствена нејзина употреба во историјата на човештвото врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки на крајот од војната.
Сижето почива на книгата „Американскиот Прометеј: Триумфот и трагедијата на Џ. Роберт Опенхајмер“ на авторите Каи Бирд и Мартин Џеј Шервин. Насловната ролја ја толкува Килиан Мерфи, а во филмот уште играат и Мет Дејмон, Емили Блант, Роберт Дауни Џуниор, Флоренс Пју, Гери Олдман и други актери.
Премиерата е закажана за 21-ви јули 2023 година.
Во август 1942 година американскиот претседател Френклин Рузвелт наложил спроведување на програмата „Проект Менхетен“, како одговор на евентуалното развивање од страна на тогашна нацистичка Германија на исклучително моќен нов тип бомба. Во проектот на разни нивоа биле вклучени повеќе од 130.000 луѓе, огромниот дел од нив и несвесни во каква програма всушност се ангажирани. Опенхајмер бил научен директор на нуклеарната програма.
На кино-публиката Кристофер Нолан ѝ е познат по филмовите „ „Interstellar“ од 2014 година, „Inception“ од 2010-та, како и екранизацијата на стриповите за Бетмен „ The Dark Knight“ од 2008 до 2012-та и други.