Истражувачки тим од американската сојузна држава Јужна Каролина тврди дека можеби го пронашле авионот со кој летала Амелија Ерхарт кога исчезнала во јули 1937 година.
Роботичката компанија „Deep Sea Vision“ (DSV) пишува во соопштение за печатот дека радарската слика што ја снимила „во дел од Тихиот Океан каде што нема познати урнатини“ конечно би можела да реши една од најдолготрајните мистерии во земјата. Се вели дека таа снимка од дното на океанот западно од предвидената точка за слетување на американскиот пилот го одразува изгледот и големината на нејзиниот авион „Lockheed 10-E Electra“.
Од DSV велат дека пристигнале на локацијата врз основа на „теоријата на датумската граница“ од 2010 година, што сугерира дека исцрпениот навигатор на Ерхарт заборавил да го врати календарот еден ден наназад по преминувањето на меѓународната датумска граница. Тоа би можело да предизвика погрешна проценка во навигацијата со ѕвезди и да го приземји авионот 60 милји западно од наменетата дестинација.
Никој досега не ја истражувал областа, соопштија од DSV. Извршниот директор на компанијата, Тони Ромео, вели дека остатоците што ги забележале се чини дека се недопрени.
„Отсекогаш чувствувавме дека таа (Ерхарт) ќе стори сé што е можно за да го спушти авионот нежно на водата, а прегледот на авионот што го гледаме на сликата од радарот сугерира дека тоа можеби е случај“, рече тој.
Со помош на подводни археолози, роботичките експерти на DSV поминаа 90 дена во потрага на површина од 8.370 квадратни километри од дното на Тихиот Океан користејќи потопна подводна подлога наречена „HUGIN 6000“.
Радарот што го користеле има речиси четири пати поголем опсег од претходно користената опрема од овој тип. Компанијата ги чува во тајност точните координати на своето отркитие.
Ерхарт, заедно со навигаторот Фред Нунан, исчезнале во текот на летото долг 2.500 милји од Нова Гвинеја до островот Хауланд, додека се обидувале да ја обиколат земјината топка. Оттогаш шпекулациите за нивниот последен лет се предмет на интерес во земјата.
Истражувачите од Меѓународната група за обновување на историски авиони со седиште во Пенсилванија во 2014 година објавија дека веруваат оти парчето од остаток откриено на оддалечениот атол на Пацификот во 1991 година потекнува од нејзиното летало.
Професорот по антропологија на Универзитетот во Тенеси во 2018 година изјави дека верува оти делови од скелет пронајдени на островот Никумароро во западниот дел на Пацификот во 1940 година припаѓаат на 37-годишна жена пилот.
Десетици наводни сведоци своеввремено тврдеа дека ја слушнале Ерхарт како повикува помош преку радио.
Кураторката на аеронаутиката Дороти Кокрејн на Националниот музеј за воздух и вселена Смитсонијан вели дека снимката од DSV „интригантна“ и дека заслужува дополнителна истрага.
View this post on Instagram