(ВИДЕО) Париз како воена зона – Курдите се на улица

Во Париз денеска избија судири меѓу полицијата и припадниците на курдската заедница која денеска излезе на протести поради убиството на тројца Курди.

Неколку автомобили се превртени во близина на Плоштадот на Републиката, каде традиционално се одржуваат демонстрации, објави Ројтерс.

Судирите избија кога дел од демонстрантите го напуштија плоштадот и пукаа кон полицијата, која одговори со солзавец.

Вооружен маж вчера уби тројца Курди во Курдскиот културен центар и блиското кафуле во прометниот дел на Париз, во 10-тиот арондисман, во време кога курдската заедница се подготвуваше да ја одбележи 10-годишнината од нерешеното убиство на три женски активистки.

Полицијата потоа го уапсила 69-годишниот осомничен напаѓач, за кој властите велат дека неодамна бил ослободен од притвор во очекување на судење за напад со сабја во бегалски центар во Париз пред една година.

По сослушувањето на осомничениот, истражителите додале расистички мотиви на првичните обвиненија за убиство, соопшти обвинителството.

Парискиот обвинител Лор Бексио во петокот рече дека можниот мотив зад нападот е расизам, но курдските претставници инсистираа дека станува збор за терористички напад.

„Знаеме дека сме загрозени. Курдите воопшто, курдските активисти и милитанти. Франција има обврска да не заштити“, изјави Бериван Фират, портпарол на ЦДК-Ф.

Вчерашните убиства во Париз предизвикаа страв кај курдската заедница која се подготвуваше да ја одбележи 10-годишнината од убиството на три Курдинки во Париз.

„Курдската заедница е во страв и веќе беше трауматизирана од тројното убиство во 2013 година. Ни требаат одговори, поддршка и внимание“, рече Давид Андиќ, адвокат кој го застапува ЦДК-Ф.