Поројните врнежи од дожд кои ја погодија Црна Гора предизвикаа поплави во општините Тиват, Котор и Будва.
Според локалните медиуми, поплавен е патот пред стариот град во Котор, а во Тиват затворени се неколку улици.
Општинските власти апелираа до сопствениците на пловила во пристаништето Калимањ итно да се упатат таму и да почнат со испумпување на водата, затоа што голем број од нив веќе се загрозени.
Командирот на Службата за заштита и спасување, Зоран Бабиќ, рекол дека во случај на уште поголемо зголемување на нивото на морето подготвени се вреќи со песок.
„Припадници на службата, со асистенција на други надлежни служби и претпријатија, веќе прават обиколка на локации кои се загрозени од порастот на нивото на морето“, се наведува во соопштението на СЗС.
Во централните и јужните предели на Црна Гора на сила е црвен метеоаларм, поради тоа што ова подрачје е под силно влијание на циклонска активност која донела пороен дожд и силен јужен ветер.
Поради лошите временски услови, вчера поголемиот дел од попладневните летови на националната авиокомпанија „Монтенегро ерлајнс“ доцнеле. Од компанијата соопштиле дека можно е да има доцнење на летовите во текот на денешниот ден.