Крановите и ровокопачите продолжија во четвртокот да ги расчистуваат урнатините од надвозникот во северниот италијански град Џенова, за да можат кучињата трагачи да ги следат трагите на евентуално преживеаните или на жртвите чиишто тела уште не се извлечени.
Според последните официјални податои за бројот на загинатите во несреќата тој изнесува 38 мртви, а уште 16 луѓе се повредени, од кои девет се наоѓаат во критична состојба. Меѓутоа, веројатно е дека има уште возила и патници во нив кои се затрупани под купот бетон и челик.
„Ноќва немавме среќа, не најдовме никого. Се уште трагаме во вдлабнатините во коишто би можело да се засолнат луѓе, живи или не. Се обидуваме да отсечеме големи парчиња бетон кои паднаа од мостот и потоа ги преместуваме со кранови и испраќаме кучиња трагачи, а пота наши луѓе доколку има позитивни сигнали. Овој тип работа е опасен бидејќи урнатините не се стабилни, како и дел од надвозникот кој се уште виси“, изјави Емануел Гизи, шеф на пожарникарите кои работат на местото на несреќата.
Префектурата примила многу предупредувања за исчезнати, „но тешко е да се знае дали некој не одговара на телефонот бидејќи веќе е на одмор на другиот крај од светот или, за жал, е таму доле“, изјави во средата ноќта министерот за внатрешни работи Матео Салвини. „Она што е сигурно е дека луѓето коишто ги пребаруваат урнатините велат дека таму долу има уште луѓе“, додаде пофалувајќи ја ангажираноста на стотиците спасувачи.
Италија ќе прогласи ден на национална жалост кога ќе се оранизира церемонијата на погребот за жртвите, Според повеќе медиуми, погребот ќе се одржи, барем за 11 жртви, во сабота наутро во Џенова. Церемонијата на простување ќе се одржи во изложбениот комплекс на саемот во Џенова, каде што се очекува присутво на илјадници луѓе. Според засега непотвредените информации, на тажниот чин ќе присуствува и италијанскиот претседател Серџо Матарела. Верската церемонија ќе ја служи архиепископот на Џенова, кардиналот Анџело Бањаско.
Вицепремиерот Луиџи Ди Мајо, изјави во четвртокот дека италијанската држава ќе мора да го преземе надзорот над автопатите, доколку компаниите коишто имаат концесии за тоа, не се во можност да ја извршат својата работа како што треба. Ди Мајо истакна дека концесионерите би требало повеќе да вложуваат во безбедноста, наместо да се грижат за своите дивиденди.
Акциите на италијанскиот оператор „Atlantiа“ и на другите концесионери во четвртокот се најдоа под голем притисок. Акциите на „Atlantiа“, чијашто филијала „„Аutostrade per l’Italia“ управува со надвозникот Моранди кој се урна во вторникот во Џенова, во четвртокот не се продваа, а вредноста им падна за над 20 отсто.
https://www.youtube.com/watch?v=gVFkqzmNW-I