Нова снимка на Евгениј Пригожин, шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, е објавена во четвртокот и го прикажува како зборува за заканите по неговиот живот само неколку дена пред да загине во авионската несреќа крај Москва, наводно снимена во тек на возење во Африка.
„На оние кои расправаат дали сум или не сум жив, како сум – во моментов е викенд, втората половина на август 2023-та, во Африка сум“, вели Пригожин во кусата снимка објавена на Telegram каналот на Grey Zone (Сива зона), наводно близок канал на групата „Вагнер“.
„За луѓето коишто расправаат како да ме избришат, за мојот приватен живот, колку заработувам и другото, сѐ е во ред“, додава на снимката Пригожин и со мавтање кон камерата го завршува видеото снимено во возило во движење.
Пригожин на снимката носи маскирна униформа и шешир, како и часовник на десната рака, што одговора на снимката објавена на 21-ви август, на којашто исто така тврдеше дека е во Африка.
Неговата референца „викенд“ импилицара дека видеото е снимено на 19-ти или 20-ти август, само три или четири дена пред тој и другите двајца водечки команданти на „Вагнер“ да загинат во падот на малиот приватен млазен авион северно од Москва вечерта на 23-ти август.
Неговите зборови може да се толкуваат дека бил свесен оти животот му бил во опасност.
За такво нешто зборуваше и белорускиот претседател Александр Лукашенко, кој минатата седмица изјави дека додека патувал за Обединетите Арапски Емирати меѓу јануари и февраури годинава добил доверлива информација дека се подготвува атентат врз Пригожин. Лукашенко за тоа го известил рускиот државен врв, а потоа од шефот на „Вагнер“ добил потврда дека рускиот претседател Владимир Путин го предупредил за такви дејствија кои се подготвувале против него.
Паравоената формација „Вагнер“ изминатите години беше ангажирана главно во Сирија и Африка, но по почетокот на руската инвазија во Украина имаше забележителни успеси на ова боиште. Меѓутоа, Пригожин беше жестокот критичен и дури навредлив кон рускиот воен врв и на 23-ти јуни го предводеше 16-часовниот бунт за кој рече дека има цел да стаса до Москва и да се пресмета со министерот за одбрана Сергеш Шојгу и началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов. Бунтот по неколку жртви на руската воена авијација беше запрен на 200 километри од Москва, по договор со посредство на Лукашенко да биде запрен кривичниот прогон против „вагнеровците“ а тие да се префрлат во Белорусија.
По загинувањето на Пригожин наративот на западните челници инсинуира дека вината треба да се бара кај претседателот Путин кој бунтот го нарече „предавство“ и „нож в грбот“ на руската држава. Кремљ го отфрли таквите инсинуации како „апсолтуна лага“, а во средата потврди дека истрагата за падот на авион истражува и можност од намерно уривање на авионот.
Пригожин е погребан во вторникот во неговиот роден град Санкт Петербург, без државни церемонии и без присуство на функционери, како што пишуваат медиумите, по барање на семејството. И самиот погреб на лидерот на „Вагнер“ предизвикува бројни нагаѓања, особено во западните медиуми.