(ВИДЕО) Пронајден јуниорскиот тим изгубен во пештерата на Тајланд

Тајландските спасувачки екипи ги пронашле дванаесетте изгубени момченца и нивниот помошен тренер во комплексот пештери, а пронајдените покажуваат „знаци на живот“ девет дена откако исчезнаа, објави во понеделникот гувернерот на покраината Чианг Раи.

„Тајландската морнарица ги пронајде сите тринаесетмина, со знаци на живот“, изјави гувернерот Наронгсак Осотанакорн. Додал дека сите се сигурни, но оти мисијата не е завршена.

„Нашата мисија е да се пронајдат, да се спасат и да се вратат, Засега само ги пронајдовме. Следниот чекор е да ги извлечеме од спилата и да ги однесеме дома“, рекол Остотанакорн.

Дванаесетте момченца на возраст меѓу 11 и 16 години и нивниот 25-годишен тренер на локалниот фудбалски клуб ја посетија пештерата по тренингот минатата сабота. Од тогаш не беа видени, а нивните велосипеди и делови од опремата беа пронајдени на влезот во комплексот подземни спили и премини. Се верува дека по обилните дождови нивото на водата во пештерата се подигнало и ги блокирала подземните премини и излези.

За спасителите најголем проблем ќе претставува исфрлањето на водата од спилата. Гувернерот најави дека во меѓувреме ќе испрати лекари и медицински сестри да ја проверат здравствената состојба на момченцата и тренерот.

Меѓународните спасувачки екипи, вклучително и онаа којашто ја испрати Американската пацифичка команда (PACOM), им помагаа на талјандската полиција, морнарица и спасувачките тимови во спасувачката операција којашто беше попречувана од силниот дожд. Додека полицијата вршеше пребарување на теренот од воздух, нуркачите се обидуваа да се пробијат низ поплавените премини.

Низ отвор во пештерата минатиот петокот беа уфрлени дваесет пакате со вода, храна, лекови, батерии и пораки за исчезнатите. Во пораките беше напишано „Доколку го примите ова, одговорете и покажете на мапата каде сте. Сите брзо ќе ви помогнеме“. Полицијата и спасувачките екипи се надеваа дека пакетите преку надојдените води ќе допловат до отворите на пештерата.