Полицијата во Берлин ги прекина протестите по расправата во Бундестагот за новиот закон за мерки во случај на пандемија поради непочитување на мерките за носење заштитни маски и одржување дистанца.
Според берлинските власти, неколку илјади противници на државните мерки против ширењето на панемијата на коронавирус се собрале во областа околу Бранденбуршката порта, која не е далеку од зградата на парламентот.
Полицијата на Твитер објави и дека возилата со водени топови се подготвени во случај демонстрантите да одбијат да се разотидат, а според извештаите на медиумите, полицијата во меѓувреме користела еден воден топ.
Медиумите зборуваат и за „крајно агресивното однесување“ на дел од демонстрантите, меѓу кои повторно имало многу членови на екстремно десната сцена и т.н. Граѓани на Рајх кои не го признаваат постоењето на СР Германија.
За да се спречат настаните како оние во август кога демонстрантите, вклучувајќи голем број екстремни десничари, се обидоа да влезат во зградата на парламентот, полицијата ја опколи широката област околу Бундестагот.
Горниот и долниот дом на германскиот парламент денеска расправаат за реформа на законот за заштита од пандемијата што дефинира какви мерки може да воведе владата против ширењето на инфекцијата. Повеќето реформи се однесуваат на регулирањето на производниот процес и образовниот систем за време на мерките.