ВИДЕО| Раперот Килер Мајк однесен од Греми наградите со лисици на рацете

Полицијата го одведе раперот Килер Мајк од доделувањето на музички награди Греми во неделата ноќта со лисици на рацете, откако тој ги однесе дома трите од најголемите рап награди во музичката индустрија.

Полициската управа на Лос Анџелес не објави никакво соопштение за оваа тема, а нивните портпароли за медиумите изјавија дека немаат информации. Неговиот агент и издавачите сè уште не одговориле на барањата за коментар.

На видеото објавено на социјалaтa мрежa „Х“ се гледа како полицијата го води раперот, со рацете врзани зад грб, низ арената „Crypto.com“ во Лос Анџелес.

Електронското издание „Hollywood Reporter“, повикувајќи се на службеник за безбедност во арената, објави дека Килер Мајк бил приведен по неодредено прекршочно обвинение, кое не е поврзано со наградите Греми.

Килер Мајк и неговите соработници заедно освоија Греми за најдобра рап-песна и најдобра рап изведба за „Scientists & Engineers“ и најдобар рап- албум за „Michael”.

Роден како Мајкл Рендер, Килер Мајк е познат и по неговиот социјален активизам за прашања како што се расизмот и полициската бруталност.