Русија извела ново успешно пробно лансирање на хиперсоничната крстосувачка ракета „Циркон“, соопшти во саботата министерството за одбрана.
Ракетата била истрелана од фрегата од акваториумот на Баренцовото Море и ја погодила целта на морска позиција на повеќе од илјада километри оддалеченост во Белото Море.
Рускиот претседател Владимир Путин го опиша проектилот „Циркон“ како дел од новата генерација вооружување кој засега нема соодветен пандан во светот.
„Циркон“ е првата хиперсонична крстосувачка ракета во светот, која е способна да изведе долг аеродинамичен лет со маневрирање во густите слоеви на атмосферата, користејќи сопствен погон по целата рута.
Максималната брзина достигнува околу девет пати повеќе од брзината на звукот (околу 2,65 километри во секунда на височина од 20 километри, или повеќе од 10.000 километри на час). Максималната дострел изнесува илјада километри, според објавата на руското министерство за надворешни работи.
Русија минатата 2021 година веќе изведе пробни лансирања на „Циркон“ од воени бродови и подморници, а во април годинава пробно лансираше нова интерконтинентална ракета „Сармат 2“, способна за брз нуклеарен напад.
Првото пробно тестирање на ракетата „Сармат“ (Сатана 2, според класификацијата на НАТО), од новата генерација беше изведено на 20-ти април од космодромот Плесецк во Архенгелската област на северот на Русија.
„Сармат“ е огромна ракета и тежи дури 208 тони, а долга е околу 35 метри. И покрај тоа, развива брзина од над 25.000 километри на час и има опсег на дејствување од околу 18.000 километри. Може да понесе од 10 до 15 боеви глави и мамци, вкличително и ткн хиперсонични едрилици, секоја со капацитет до 750 килотони и може да погоди повеќе локации од една оддалечени со илјадници километри, на пример во САД или во цела Европа.