ВИДЕО| Руската и кинеската морнарица патролираат низ Пацифик

Руската и кинеската воена морнарица изведуваат заеднички патроли во Тихиот Океан, соопшти во четвртокот руското Министерство за одбрана, што претставува уште еден сигнал за продлабочувањето на воените и дипломатски врски меѓу Москва и Пекинг во периодот кога се влошуваат нивните односи со западните земји.

Во соопштението на руското министерство објавено на Telegram каналот се наведува дека воените екипажи на двете земји изведуваат заеднички тактички вежби, кои вклучуваат и примена на артилерија и хеликоптери.

„Задачата на споменатите патроли е јакнење на поморската соработка меѓу Русија и Кина, одржување на мирот и стабилноста во азиско-пацифичкиот регион, надзор на крајбрежјето, како и заштита на поморските економски објекти на двете држави“, се додава во соопштението.

Првото вакво заедничко патролирање на воените бродови на руската и на кинеската морнарица беше изведено од 17-ти до 23-ти октомври 2021 година во западниот дел од Тихиот Океан. Тогаш руско-кинеската борбена групација низ Сангарскиот теснец, додека екипажите изведоа неколку вежби и заедно пловеа повеќе од 1.700 наутички милји. Јапонија тогаш нервозно реагираше нарекувајќи ги овие маневри „невообичаени“.

Почетокот на овие маневри, за кои не е наведено до кога ќе траат, се совпаѓа со средбата на кинескиот претседател Кси Џинпинг подоцна во четвртокот со рускиот колега по должност Владимир Путин во Узбекистан, на кој според најавите, меѓу другото ќе разговараат и за ситуациите со Украина и Тајван. Тоа ќе биде првото патување во странство на Кси во последните две години.

Зајакнувањето на партнерството „без ограничувања“ меѓу растечката суперсила Кина и една од најбогатите земји со природни ресурси Русија, претставува геополитички настан на кој Западот не гледа со одобрување, стравувајќи од губењето на економската и геополитичка надмоќ.