Бројот на жртвите во американскиот ракетен напад во авганистанската престолнина врз цел на Исламската држава во неделата се зголеми на седум, објави вечерта весникот „Afghanistan Times“.
Претходно во извештаите на локалните медиуми се известуваше за шест загинати, меѓу кои четири деца, како и за уште четири ранети жители на Кабул. Како што пренесува весникот, во конечниот број жртви е вклучен и терористот-самоубиец кој управувал со автомобилот полн експлозив кој бил цел на американскиот воздушен удар.
Според извештаите, во американскиот напад уништени се две возила, а делумно е уништена и станбена зграда. Американската страна, која засега не ги коментира извештаите за жртвите, потврди дека цел на нападот бил автомобилот на бомбаш – самоубиец кој имал намера да го нападне кабулскиот аеродром.
Притоа, како што пренесува телевизијата CNN повикувајќи се на извор од Пентагон, според прелиминарните податоци на американската страна, нема цивилни жртви како резултат на нападот.
Сателитската телевизија „Al Jazeera“ објави дека по ракетниот напад одекнале последователни експлозии поради големото количество експлозив во автомобилот.
Според авганистанските медиуми, инцидентот се одиграл во кабулскиот кварт Хаџи Бугра, кој е во непосредна близина на пистата на меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ од каде се изведуваат последните евакуациски летови пред дефинитивното повлекување на американските војници на 31-ви август, годинава.
Претходно во неделата американската Централна команда соопшти за воздушен удар со беспилотно летало врз цел во близина на аеродромот во Кабул врз автомобил со експлозив со кој Исламската држава имала намера да изведе терористички напад.
Ова е втор американски воздушен напад во Авганистан врз цели за кои Пентагон тврди дека се поврзани со Исламската држава. Авганистанскиот огранок на оваа ултрарадикална сунитска групација е обвинета за двојниот самоубиствен напад пред кабулскиот аеродром на 26-ти август, годинава, во кој загинаа речиси 200 Авганистанци меѓу кои и триесетина талибански борци, како и 13 американски војници.