Легендарниот пејач на групата „Парни ваљак“ Аки Рахимовски почина вчера на 67-годишна возраст.
Луѓето и колегите се збогуваат со него, а некои се сетија во овие моменти да раскажат како настанала една од неговите најдобри песни на сите времиња.
Не постои некој кој не сакал или не страдал со песната „Сѐ уште мириса на неа“, алудирајќи дека зад оваа песна се крие љубовна порака. Вистината е сосема поинаква.
Песната ја напишал Хусеин Хасанефендиќ Хус, како што вели – во етапи, а објавена е на албумот „Будење“.
Многумина, слушајќи ја, би помислиле дека Аки, кој секогаш зборувал дека жените му се инспирација, „се опил од изворот на љубовта на неговата сакана“, но тоа не е вистинското значење, кое Хус го откри во една емисија на хрватската телевизија.
– Тоа е песна која страда по младоста и минливоста на времето, која како некоја метафора зборува за некоја имагинарна жена, а всушност, тоа е метафора за младоста, нешто слично на песната „Есен во мене“, – ги објаснил Хус своите мотиви за пишувањето на оваа песна.
Рахимовски беше еден од највпечатливите и најпрепознатливите пејачи во регионот.
Роден е на 5 јуни 1955 година во Ниш, но пораснал во Скопје, каде што неговото семејство се преселило кога бил мал. Бидејќи неговиот татко бил професор по музика, тука на седумгодишна возраст почнал да го стекнува своето музичко образование, учејќи клавир и пеење.
По доаѓањето во Загреб, како тинејџер членувал на неколку бендови, од кои некои се групата „Вакуум“, „Блад брадерс“ и „Тор“ со кои настапувал на фестивалот во Загреб во 1975 година. Истата година се запознал со гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ Хус и Јурица Паѓен. Во соработка со менаџерот Владимир Михаљек Миха ја основале првата постава на групата „Парни ваљак“, која низ годините ќе стане една од најпопуларните во поранешна Југославија, а Рахимовски еден од најдобрите фронтмени. Оттогаш тие направија безброј хитови кои ќе останат за сите времиња.
Рахимовски беше вокал на 18 студиски албуми на групата „Парни ваљак“.