Со огномет, синоќа свечено беше пуштено осветлувањето на реката Црн Дрим. Осветлувањето официјално го пушти струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
Проектот, за кој Општина Струга инкасираше 110.000 евра го обои Дрим во повеќе бои, во сина, зелена, виолетова …
– Должината на коритото е 900 метри, додека арматурата за осветлување беше поставена од двете страни на коритото со должина од 1.800 метри. Исполнувајќи ги сите архитектонски барања, осветлувањето на речното корито се реализира во согласност со регулативата на нормативните технички стандарди. Проектот вклучува инсталација на арматура изработена од не’рѓосувачки челик – соопшти Општина Струга.
Проектот беше поздравен од дел од граѓаните, но наиде и на негодувања и критики во јавноста. Стружани искажуваат загриженост за капачите, кои во топлите денови се разладуваат во Црн Дрим, што беше демантирано од локалната самоуправа, од каде посочуваат дека проектот е безбеден, со нисконапонска електрична енергија и не може да претставува опасност.
Еколозите предупредуваат за негативно влијание врз екосистемот.
– Осветлувањето на речните води, го менува циркадијалниот ритам на живиот свет (се губи чувството за ден и ноќ). Дополнително го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите особено чувство за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката. Загадувањето со светлина значително го намалува живиот свет во градските средини, со што го спречува нивното хранење, размножување и движење, напиша екологотот и професор по биологија, Кирил Пржо на својот фејсбук-профил.