Во седумдесетите години на минатиот век светот се соочи со тероризмот како нова и специфична безбедносна појавата, што ја наметна потребата од формирање на специјални полициски сили.
Во овој процес се вклучи и тогашната Југословенска федерација формувајќи специјални полициски сили во сите тогашни Републики.
По успешно завршените подготовки, извршено е селектирање на канидати кои на 13 Март 1981 година започнуваат со работа, како одделение на милиција за извршување на специјални задачи.
Во текот на 1981/1982 година одделението преминува во Станица на милиција за извршување на специјални задачи.
Во 1991 година Станицата на милиција за извршување на специјални задачи се преименува во Полициската станица за извршување на специјални задачи, која во 1992 година го добива називот Единица за специјални задачи.
Во 2001 година Единицата зема огромен удел во справувањето со безбедносната криза која ја зафати нашата држава, имаше и значајна улога во пост конфликтниот период интензивно работејќи на подобрување на безбедноста и враќање на довербата на населението од кризните подрачја кон полицијата и безбедносните сили воопшто.
Во втората декада на новото столетие, како последица од конфликтите на блискиот исток се појавуваат нови терористички закани, овој пат преку исламскиот радикализам како феномен кој нужно наметна потреба од преструктуирање на специјалните полициски сили воопшто.
На почетокот на оваа година како резултат на реформите во МВР и реорганизацијата на БЈБ, извршена е и последната трансформација на Единицата. Целта на оваа трансформација е прилагодување кон новите предизвици во борбата против тероризмот и организираниот криминал како најголема закана на новото време.
Денес кога се одбележува јубилејот 40 години од формирањето и континуирано функционирање на единицата официјално ги претставуваме новите обележја и назив на Единицата:
-Специјална антитерористичка единица-Тигар.