(ВИДЕО) Тензично во Сараево – „Сите сме Валтер“ на протест поради мисата за Блaјбург

Во катедралата „Срце исусово“ во Сараево се одржа миса за „жртвите на Блајбург“ под заштита на силни полициски сили. Во исто време во Марин Двор се одржа собир на антифашистите и противници на мисата, на кој присуствуваа неколку илјади луѓе.

Кардиналот Винко Пуљиќ на мисата рече дека „жртвите не смеат да бидат заборавени“ и дека целта на молитвата е „да се покаже почит кон жртвите“. „Невозможно е да се биде присутен и да се учествува на оваа света миса за жртвите од полињата во Блајбург, без посебно треперење на срцето и чувствата на душата“, рече Пуљиќ.

Тој додаде дека сака „молитвата да ги прочисти присутните од сите горчливи чувства и негативните обвиненија што се појавуваат при споменувањетона жртвите“.

„Ние сме собрани во молитва да покажеме почит и да го чуваме споменот“, рече Пуљиќ во Соборниот храм.

Покровител на мисата беше хрватскиот парламент, а присуствуваа хрватскиот амбасадор Иван Саболиќ и претседателот на Федерацијата на БиХ, Маринко Чавара.

Катедралата за време на мисата беше обезбедена од силни полициски сили. Дел од граѓаните кои успеаја да стигнат до катедралата, носејќи транспаренти во кои се вели дека усташите биле фашисти, беа идентификувани од полицијата и им беа напишани прекршочни казни.

Организатор на централната комеморација е невладино здружение регистрирано во Австрија, „Почесниот вод на Блајбург“. Одлуката за одржување миса во Сараево е донесена откако беше решено годинава да нема традиционален собир на Блајбуршкото Поле во Австрија.

Неколку илјади луѓе беа на собирот на антифашистите и претставници на здружението на борците во Марин Двор во Сараево. Тие им оддадоа почит на жртвите од фашистичкиот терор за време на Втората светска војна и изразија спротивставување на денешната миса за „жртвите на Блајбург“.

Сараевските медиуми објавија дека луѓе од сите генерации биле присутни на собирот кај Марин Двор, некои во маички со натпис „Јас сум исто така антифашист“, а на маиците на помладите пишуваше „Но пасаран“.

https://www.youtube.com/watch?time_continue=1&v=XVtHztV-fNc&feature=emb_logo

„Блајбуршкиот масакр“

Блајбуршки масакр е едно од имињата за серија настани што се случиле во мај 1945 година, на крајот на Втората светска војна во Европа. Десетици илјади војници и цивили поврзани со Силите на Оската од Југославија заминале во Австрија бегајќи од југословенските партизани и Советската црвена армија.

Британската армија, која ја окупирала Австрија, ги вратила да им се предадат на југословенските партизани. Војниците и цивилите биле принудени да маршираат заедно со колоните заробени од партизаните во Југославија. Десетици илјади од овие луѓе биле егзекутирани, додека другите биле однесени на принудна работа во логори. Настаните се именувани по граничниот град Блајбург во австриската провинција Корушка, од каде што биле вратени војници од разни воени формации што се бореле на страната на нацистичка Германија и цивилите што тргнале со нив.