Јас да сум склучил договор со некој со кој имам конфликт на интерес, да сум дал тендер на некој кој е директно поврзан со мене, како брат, братучед, татко, јас без размислување дента ќе си поднесев оставка. Ова го истакнува министерот за здравство Никола Тодоров во изјава за Канал 5 телевизија.
Тој реагираше на обвинувањата од опозицијата за склучениот договор со фирма наводно блиска до новинарката Ивона Талеска. За Тодоров е неетички чекорот направен по целата постапка.
„Распишавме меѓународен тендер на кој имаат учествувано голем број на компании, од Македонија и странство. На јавната аукција учествуваа две компании. На едната од нив управител е извесен Марко Петровиќ, а тоа е компанија со еден сопственик.Така е поднесена понудата, така е организирана електронската аукција и така е склучен договорот. Со компанија каде основач и директор е едно лице. Промената е направена после шест месеци. Тогаш во сопственичката структура е влезена друга личност, тоа е она што јас го карактеризирав како неетички“, истакна министерот.
За Тодоров ова е хајка организирана против него во момент кога спроведува постапки и активности кои нанесуваат директна штета на мал број на компании кои биле учени голем број на години да стопанисуваат, а сега тие им се скратуваат, нема да се купуваат скапи филмови, реагенси…
„СДСМ сака да направи една паралела меѓу скандалот на нивниот претседател, Зоран Заев и тендерите кои ги давал на свои блиски и оваа ситуација, со овој тендер. Нема тука паралела. Јас не сум дал тендер на мој татко, брат, братучед, снаа како што тоа го правел Заев. Јас не сум знаел, ниту можам да знам дека после шест месеци, ќе има промена на структурата и еден дел од таа компанија, ќе ја купи друго лице“, истакна Тодоров.
Нема никаков судир на интереси, вели Тодоров, а за своите постапки секој треба да си одговара.
„Секој одговара за сопствените постапки, јас одговарам за своите. Тоа е дека сум склучил договор во една законска процедура , со фирма која има еден сопственик и основач со кој што немам апсолутно никаква врска. Во законот за јавни набавки е превидено дека пред склучување на договорот и отпочнување на постапката се дава изјава за судир на интереси. Ниту некој од комисијата, ниту јас имаме некаков судир на интерес со компанијата која учествувала на тендерот и со која имаме склучено договор“, рече министерот.
Тодоров ја објаснува својата цел пред распишувањето на оваа постапка.
„Мојот мотив да распишеме и организираме една ваква постапка е да прекинеме едно долгогодишно исцицување на пари од здравствените установи и од граѓаните преку продажба на скапи филмови и користење на стара технологија. Идејата беше да набавиме нови дигитални апарати, да се тргнат филмовите и со парите кои здравствените установи ги давале за филмови, да се отплатат ренгените“, рече министерот за Канал 5 телевизија.
Тој истакна дека со оваа набавка здравствените установи секоја година ќе прават сериозна заштеда.
Целата изјава на Никола Тодоров, во вестите на Канал 5, погледнете ја во видеото во продолжение…