Пред Собранието на Република Македонија во неделата се одржа протест против промена на името и Законот за употреба на јазиците организиран од Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ и Македонски обединети сили (МОС).
Според нив, со двојазичноста се губи унитарниот карактер на македонската држава и Македонија станува трета албанска држава на Балканот.
Необјасниво е, беше кажано на протестот, албанскиот јазик да биде службен јазик во Гевгелија, Валандово, Струмица, Кочани, Штип, Радовиш, Берово, Крива Паланка, а замеруваат и за тоа што власта која ветуваше дебати за се, сега ја суспендирала демократијата туркајќи го законот со европско знаменце.
Над 500 луѓе се потпишале на петицијата против новиот закон и против промената на името.
Учесници на овој протестен собир пред парламентот го запалија знамето на Европската унија. Во моментот кога Љубиша Настовски, претседател на МОС, од импровизираната бина во паркот „Жена – борец“ го одјавуваше протестот, група млади луѓе на булеварот „11 Октомври“ го запалија знамето на ЕУ.
Настовски повика сите да се повлечат од булеварот оти протестот заврши, а на асфалтот остана да гори знамето. Многумина од насобраните си направија селфи фотографии со изгореното знаме.