Бројот на жртвите во уривањето на пешачкиот висечки мост преку река во западната индиска сојузна држава Гуџарат се искачи на 91 лице, соопштија во неделата вечерта локалните власти.
Станува збор за висечки мост кој бил и туристичка атракција преку реката Мачху во градот Морби.
Мостот попуштил кога на него се наоѓале околу 500 лица, меѓу нив и многу жени и деца, од кои стотина веднаш завршиле во реката. Според последните податоци, се трага по уште најмалку 100 лица од околу 350 кои паднале во водата, а на некои снимки на социјалните мрежи се гледа како многумина се мачат да се одржат на површината.
Седумдесет лица се спасени и пренесени во болниците. Спасувачката операција е отежната поради стемнувањето.
Телевизиските снимки прикажуваат десетици луѓе како се држат за искривените остатоци од конструкцијата и каблите на урнатиот мост а некои самите скокаат во реката, додека екипите на брзата помош се обидуваат да им помогнат.
Некои се качувале по скршената конструкција за да успеат да дојдат до брегот, додека другите успеале да испливаат на сигурно.
„Досега се потврдени 60 смртни случаи“, изјави индискиот парламентарец од државата Гуџарат, Мохан Кундарија и додаде дека уште најмалку 30 луѓе се повредени.
Мостот привлекува многу посетители во текот на хундуистичката празнична сезона, кога се слават Дивали и Чатх Пуџа.
Историскиот мост долг 230 метри е изграден пред 140 години, за време на британското колонијално владеење во XIX век. Бил затворен за премин неколку години а седум месеци траела последната реконструкција а бил пуштен во функција пред само четири дена.
„Реновирањето заврши минатата седмица. Ние сме, исто така, шокирани. Ја разгледуваме работата… Владата ја презема одговорноста за оваа трагедија“, рече Бријеш Мерја, министер за труд и вработување на Гуџарат за NDTV.
„Премиерот Нарендра Моди разговараше со главниот министер. Сите највисоки владини претставници се на терен“, додаде тој.