ВИДЕО| Во експлозија во кафуле убиен познат руски воен дописник и блогер

Руското министерство за внатрешни работи потврди во неделата дека познатиот руски воен блогер Владлен Татарски загинал во експлозија во кафуле во северната метропола Санкт Петербург и дека во врска со инцидентот е отворена кривична истрага за делото „убиство“.

„Како резултат на инцидентот, едно лице загинало, се покажа дека станува збор за воениот дописник Владлен Татарки“, истакнуваат од руското министерство за внатрешни работи и се додава дека во експлозијата се ранети уште 25 лица од кои 19 се пренесени на прегледи во околните болници.

Како што објави руската агенција РИА повикувајќи се на свои извори, експлозијата се случила од активирање на една кутија која била донесена во локалот. Во неа имало фигурина којашто му била дадена на Тарарски како подарок.

Според очевидци, фигурината била прегледана пред да му биде предадена на воениот дописник и блогер. Истовремено, очевидците потврдиле дека самиот Татарски ја познавал женската личност којашто му го дала подарокот, односно истата на бројни претходно настани му давала некакви разгледници.

Во информациите се прецизира дека во клубот „Патриот“ на Универзитетскиот кеј во Санкт Петербург секоја сабота и недела традиционално се одржувале вечерни дебати организирање од движењето „Кибер Фронт Z“, кое се смета за поддржувач на руската „специјална воена операција“ во Украина. Во неделата вечерта била најавена дискусијата на тема „Има таква професија – воен дописник“ со учество на Владлен Татарски, а влезот вообичаено бил слободен.

Организаторот на настанот објави дека ги преземале потребните безбедносните мерки, но оти очигледно тие не биле доволни. Засега нема информации за осомничени или за приведенив во врска со инцидентот.

Татарски чие вистинско име е Максим Фомин, имаше повеќе од 560.000 следбеници на Telegram и беше еден од најпознатите воени блогери, кој често даваше критички коментари за руските воени команданти во спроведувањето на операциите во Украина.

Експлозијата, како што пишува германската службена новинска агенија DPA, наводно се случила во кафуле кое „некогаш било во сопственост“ на Евгениј Пригожин, основачот на приватната воена компанија „Вагнер“, активна на украинското боиште.