(ВИДЕО) Вучевиќ и Орландо го изненадија фаворизираниот Милвоки во плеј-офот

Фаворизираниот Милвоки бакс и првата ѕвезда Јанис Адетокумпо доживеаја шокантен пораз од Орландо во чии редови блескаше Никола Вучевиќ. Одличниот црногорски центар постигна 35 поени и имаше 13 скокови со одличен шут од игра, погоди 15 од вкупно 24 шута. Ова беше негов личен рекорд кога станува збор за поените во плеј-оф натпревар, а интересно е што не постигна ниту еден поен од слободни фрлања.

Орландо меџик одлично ја одигра првата четвртина која ја доби со 10 поени, но Милвоки благодарение на Адетокумпо ја врати резултатската неизвесност до крајот на полувремето. Клучна за победата на Орландо беше третата четвртина која ја реши во своја корист со 12 поени и двоцифрената предност успешно ја одржа се до крајот на натпреварот.

Покрај Вучевиќ, одлична игра прикажаа уште и Теренс Рос кој даде 18 поени и Гери Кларк и Маркел Фулц кои постигнаа по 15 поени. Во редовите на Милвоки, очекувано Адетокумпо беше најдобар со 31 поен и 17 скокови.

https://www.youtube.com/watch?v=H-sHjsN7hhw&feature=emb_logo