Милан докажа дека знае да победува и кога не доминира на теренот како во последно време, но тоа е така пред се благодарение на неверојатниот Златан Ибрахимовиќ кој уште еднаш ја воодушеви спортската јавност на Апенините.
Удинезе одлично му парираше на гостинот од Милано и се чинеше дека е на добар пат да освои бод на „Дачија арена“, но така не мислеше и популарниот Ибракадабра кој изведе кунг-фу бравура во 83-та минута.
Од една крајно тешка ситуација, Ибра успеа да изведе акробација и со карате стил ја зафати топката, а истата заврши зад грбот на голманот Мусо.
Мајсторијата на Швеѓанецот одново се покажа како клучна за нова победа на „росонерите“, кои и натаму остануваат на врвот на табелата во Серија А како единствен непоразен тим.
Пред фантастичниот гол на Ибрахимовиќ, резултатот на семафорот беше 1:1, откако Златан му асистираше на Кеси за 0:1, а Де Паул израмни од пенал на стартот на вториот дел.